„Ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаме да го прошириме европското семејство и сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ“, вели вториот човек во француското Министерство за надворешни работи, Оливие Бешт, во интервју за „360 степени“ објавено во синоќешното издание на емисијата на МРТ 1.

Прашан дали кога Макрон зборува за Европа во повеќе брзини мисли на членки на ЕУ од втор ред, министерот Бешт одговара: „Воопшто не, зашто кога ѝ се приклучуваме на ЕУ ние сме полноправна членка. Значи, нема држави од прва, втора класа или трета класа, туку сите држави членки се на истиот воз“.

360°: Во парламентот на Северна Македонија нема двотретинско мнозинство за да се донесат уставните измени како услов за продолжување на пристапните преговори на земјата со ЕУ. Од позиција на член на влада од која летото 2022 година дојде предлогот за деблокада на процесот, овде познат како француски предлог, чие спроведување сега е блокирано поради несогласување од опозицијата, како гледате на целиот контекст?

Бешт: „Прво, дозволете ми да ви кажам дека навистина сум среќен што денеска сум овде во Северна Македонија и навистина имам доверба во целиот интегративен процес кој ќе ѝ овозможи на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ. Францускиот предлог, кој ние го доставивме за време на француското претседателство со ЕУ во 2022 година, беше придружен со големи предности и заслуги. Прво, деблокирање на состојбата закочена поради фактот што други држави членки на ЕУ ја блокираа и да му се овозможи на македонскиот народ повторно да се најде на интегративниот пат. Второ, навистина беше овозможено признавање на македонскиот јазик. Денес ова решение овозможува повторно обновување на интегративниот процес – знам дека состојбата е тешка дури и во македонското Собрание, но она што треба да го разбереме е дека денес овој процес на приклучување кон ЕУ не зависи од блокадата на други држави членки на ЕУ, туку зависи од македонското Собрание. Затоа, јас имам доверба дека македонското Собрание ќе успее да ја надмине таа блокада и повторно да се најде на интегративниот пат кој сакаме да се случи колку што е можно побрзо.