Еди Здјелар (24) и неговата сопруга загинаа вчера во тешка сообраќајна несреќа кај Новска во Хрватска, а нивното двегодишно дете е тешко повредено.

Здјелар управувал „бмв“ со кое со голема брзина удрил во камион на автопат, а со нив во автомобилот имало и дете. До несреќата дошло кога тој удрил во задниот дел на камионот со босански национални ознаки што се движел пред него во истиот правец.

Кусо пред несреќата, 24-годишникот на својот Фејсбук профил објави видео на кое се гледа како вози на автопат, каде може да се забележи дека возел повеќе од 200 километри на час. На видеото во позадина гласно се слуша музика, а надвор врне.

Здјелар во еден дел од видеото ги поздравува пријателите и ги известува дека оди на крштевка. Видеото е снимено во периодот од 14:30 до 14:45 часот, што одговара на времето на несреќата кое е пријавено во 15:00 часот.

Порталот „24сата“ пишува дека во 2019 година Здјелар предизвикал уште една сообраќајна несреќа со смртни последици. Како возач на комбе изгубил контрола над возилото и неконтролирано преминал на другата страна на патот и удрил во бетонски мост. Тогаш загинале маж и неговата бремена сопруга.

„Јутарњи лист“ пишува дека девојчето моментално e надвор од животна опасност.