Мицкоски од Самитот „Македонија 2025“: ЕУ останува наша цел, но треба да победуваме и во Вашингтон и Брисел
Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Европската Унија останува клучна цел на Македонија, но додаде дека земјата се соочува со предизвици што не ги имале другите земји во процесот на евроинтеграција. Тој зборуваше на отворањето на Самитот „Македонија 2025“, кој оваа година се фокусира на економскиот раст, дигитализацијата и иднината на иновациите.
– ЕУ беше, е и ќе остане наша цел. Но, за разлика од другите држави, кај нас критериумите за напредок не се истите. Дел од отстапките направени во минатото се последица на притисоци врз тогашни политичари, дел од лекомисленост, а дел и од недостаток на визија – рече Мицкоски.
Тој додаде дека оваа Влада сега мора да се бори да го врати просторот кој претходниците го изгубиле.
– Мора да научиме да победуваме и во Вашингтон, и во Брисел, Берлин, Париз, Рим. Тоа е единствениот начин да се испрати поинаква порака за Македонија – истакна премиерот.
Корупцијата – најголемата пречка за развој, бизнисмените сè уште перципирани како профитери
Извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска Блажески, посочи дека најголем проблем во земјата останува корупцијата, а дека се уште не постои јасен консензус за тоа каква економија сака Македонија.
– Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам. Работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на вештините. Сите сме одговорни за тоа колку ќе просперира државата – истакна таа.
Погледнете повеќе од видеото во продолжение:
Претседавачот на Бордот на директори на „Македонија 2025“, Виктор Мизо, најави ребрендирање на организацијата. Тој порача дека државата има уште многу работа пред себе. Мизо рече дека државата треба да има повеќе странски инвестиции, реформи во образованието и здравството и борба против корупцијата.
Во рамки на Самитот, се отворија и теми поврзани со дијаспората, образованието на иднината, децентрализацијата на моќта и усогласувањето на економскиот потенцијал со паметни инвестиции.
Извор: Нова Македонија