Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ на денешната седница пред лидерската средба за уставните измени, го овласти претседателот Христијан Мицкоски да го пренесе ставот дека уставни измени под диктат и во овие околности не смее да има. Потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски вели дека уставни измени во овој момент значат отворање на вратата за нови себеодрекувања. За него, решение се предвремени парламентарни избори.

„Носењето на уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување. Македонија поради лесните отстапки до сега и штетните политики на власта е веќе во изолација. Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази, или за одбрана на националното достоинство и националните и државните интереси. За ваквата подредена состојба на државата е виновна криминализираната власт на ДУИ и СДСМ“, рече Муцунски.

Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на Македонија, но Муцунски смета дека тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес на прифаќање и почитување на вредностите и создавање на национално единство.

„Следниот чекор по овој капитален неуспех кој што ја стави Македонија во подредена состојба, овој процес на попустлива надворешна политика кој што е континуитет на владеењето на ДУИ и СДСМ во последните шест години еп ред времени парламентарни избори. Сите да ја понудиме својата алтернатива за како ќе се поспеши европската интеграција, дали преку попустлива надворешна политика од страна на едниот блок или преку надворешна политика која што гарантира извесност врз основа на принципи најдобар одговор на тоа граѓаните ќе дадат преку одржување на предвремени парламентарни избори. Тоа е очигледниот излез од оваа криза, од овој ќорсокак кој што го создаде актуелната Влада на ДУИ поддржана од СДСМ“, додава тој.

Муцунски нагласи дека прашањето за предвремени парламентарни избори неизбежно е да биде една од темите за кои ќе дискутираат двајцата лидери.