Започна долгоочекуваната лидерска средба меѓу Ковачевски и Мицкоски, лидерите на партиите се собраа да разговараат за клучните политички прашања, како евентуалната промена на Уставот на која инсистира премиерот Ковачевски.

Од власта покрај Ковачевски, може да се забележат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и генсекот на СДСМ Миле Зечевиќ, додека Мицкоски е придружуван од шефот на кабинет Владимир Нелоски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, објави 360 степени.

Во Клубот на пратеници во центарот на Скопје, започна лидерската средбата помеѓу премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ковачевски пристигна прв, 20-тина минути пред договорениот термин во 11 часот. По него набргу пристигна и Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој како што беше објавено во јануари лани, е шеф на кабинет на Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија пристигна со доцнење од пет минути. Го пречека Нелоски, а во нивно друштво дојде и координаторот на пратеничката група во Собранието Никола Мицевски.

Од претставниците на власта, пак, во Клубот на пратеници може да се забележи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и генералниот секретар на СДСМ Миле Зачевиќ.

Во пресрет на лидерската, премиерот Димитар Ковачевски во неколку наврати порача дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да се надмине и да прифати уставни измени и, како што вели, „барем еднаш во овие 32 години независна Македонија да поддржи одлука со која државата ќе се интегрира и во ЕУ“.

Тој посочи дека покрај уставните измени, втора тема ќе бидат односите со соседите.

Ковачевски се надева дека Мицкоски ќе успее да се надмине себеси и ќе поддржи интеграција на државата во ЕУ

ВМРО-ДПМНЕ, пак, очекува како неизбежно да се наметне и прашањето за предвремени парламентарни избори.

Во пресрет на лидерската Извршниот комитет на партијата одржа состанок по кој објавија дека го овластиле Мицкоски на средбата да ги афирмира и брани позициите против уставни измени под диктат и во поразителни околности за Македонија.