Во Македонија се гради на повеќе од 1.200 места. Ова за Владата е многу значајно. Не само што се ангажира домашната оператива туку е и сериозен индикатор за подобра економска активност, а се докажува дека децениски проблеми можело да се решат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој изврши увид во градежните активности од првата фаза од изградбата на фекална канализација во населеното место Идризово, Општина Гази Баба.
-Иако, се разбира, не можеме ние сè наеднаш да решиме со два повика, нешто коешто со децении не се правело, сепак мислам дека со ваквите проекти голем дел од тие приоритети на граѓаните ќе бидат решени и ќе можат да имаат поквалитетен живот тие и нивните семејства. Она коешто за мене е исто така важно како претседател на Владата е фактот дека економската активност предизвикува и добри економски резултати, а во периодот којшто следи очекувам сè позасилена ваква активност, посебно во делот на градежништвото. Покрај овие проекти кои ги финансира Владата на целата територија на државата, ќе се појават 6 делници на автопати коишто ќе се градат. Овој месец официјално ќе започне изградбата, завршени се сите формални и останати процедури поврзани со автопатската делница Блаце – Скопје, мислам дека почетокот е закажан за 26 август. Сега не би сакал да ме држите за збор, но мислам дека таа беше датата. Конечно за овој децениски проект којшто беше најавуван имаме изведувач, а тоа е повторно домашна компанија, имаме надзор, сите, би рекол, услови се исполнети за да отпочне градбата на овој автопат, рече Мицкоски.
Во септември премиерот очекува уште една автопатска делница, а тоа е Букојчани – Кичево, исто така да започне и со засилена динамика да се приврши автопатот Кичево – Охрид.
-Очекувам делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена отприлика во втората половина на октомври, а целокупната делница да биде во првиот квартал од следната 2027 година. Нормално, тука продолжуваме со засилена динамика на трите делници од Коридорот 8 и Коридорот 10д, а тоа се Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани. Сè на сè, отприлика 6 автопатски делници ќе се градат и тоа е исто така голема засилена градежна активност. Кога на тоа ќе се додадат и пругата (секција 2), којашто практично е дел од Коридорот 8 (источно крило), и секција 3, за којашто очекувам наскоро да биде објавен јавен повик бидејќи сите административни, би рекол, предизвици се надминати, тоа значи дека ќе имаме навистина интензивна градба. И ако биде сè како што треба, следи завршување на физибилити студијата и отпочнување на почетокот на следната година на Коридорот 10, доколку, се разбира, сите оние предизвици коишто ги имаме ќе бидат решени, а очекувам да нема пречка да се решат. Така што градежништвото претставува еден од оние двигатели и носители на економската активност во Македонија. Сосема на крај, дозволете да се заблагодарам на сите: на градоначалникот, на советниците, на пратениците, на министерот, на колегите од Владата, на граѓаните за трпението и поддршката којашто ни ја даваат. Ние, повторно ќе кажам, не можеме сè да решиме — нешто што со децении било запоставувано и нерешавано — но ветуваме дека сето она коешто можеме да го решиме, па дури и повеќе од тоа, ќе се потрудиме да го испорачаме и решиме како Влада, посочи Мицкоски.
