Невремето вчеравечер направи катастрофа низ Балканот. По Хрватска, Словенија и Србија, во текот на ноќта и Босна и Херцеговина беше погодена од силно невреме проследено со урагански ветришта, кои уриваа дрвја, носеа покриви од куќи и предизвикаа прекин на електричната енергија.

Ветерот корнеше дрвја во Травник, Мостар и во Сараево, но не е забележана поголема штета, пренесува порталот „Кликс“.

Слични последици има и на подрачјето на Бугојно, а локални портали јавуваат дека мештаните го расчистиле патот на кој паднале дрвјата.

Од невремето нема пријавени штети на подрачјето на Зеница, но во текот на ноќта имаше краток прекин на струјата во целиот град поради удар на гром.

Во населените места во Бања Лука синоќа при невреме со грмотевици снема струја во некои населени места, како Пискавица. Во Високо ветерот собори голем број дрвја.