Норвешкиот крал Хакон Осми денеска положи уставна заклетва пред парламентот во Осло, по смртта на неговиот татко Харалд V.

Големи толпи луѓе се собраа на улиците пред церемонијата за да го видат новиот монарх додека патуваше од палатата до парламентот во возило со отворен кров, пренесе ДПА.

Хакон (53) потоа се прошета по црвениот тепих во зградата на парламентот.

Вдовицата на Харалд, кралицата Соња, и децата на новиот крал, престолонаследничката Ингрид Александра и принцот Свере Магнус, беа во придружба на Хакон.

Сопругата на Хакон, новата кралица Мете-Марит, која во летото имаше трансплантација на бели дробови, не можеше да присуствува на церемонијата поради здравствени причини.

Хакон стана крал веднаш по смртта на Харалд во петокот на 89-годишна возраст. Неговиот погреб ќе се одржи на 9 септември.

Ковчегот на Харалд вчера беше пренесен со свечена церемонија од салонот во кралската палата во палатската капела.

На процесијата присуствуваа Хакон, Соња, децата и внуците на покојниот крал, како и Мете-Марит.

Од денеска попладне, на посетителите ќе им биде дозволено да поминуваат во колона покрај затворениот ковчег сè до денот пред погребот.