Џулијан Асанж (52) вчера го напушти затворот со максимална безбедност Белмарш во Велика Британија, откако таму помина 1.901 ден. Високиот суд во Лондон му одреди кауција, а во текот на попладнето беше пуштен на аеродромот Стенстед, каде што се качи во авион и полета од Велика Британија.

Викиликс го објави првото видео на Асанж по излегувањето од затвор. „По повеќе од пет години во мала ќелија, изолиран 23 часа на ден, тој наскоро повторно ќе се соедини со сопругата Стела и нивните деца, кои го познаваат само нивниот татко зад решетки“, објави Викиликс на Икс.


Асанж се согласи да се изјасни за виновен по една точка од обвинението за заговор за добивање и откривање доверливи документи за национална одбрана на САД, според поднесоците во Окружниот суд на САД на Маријанските острови, американска територија во Тихиот Океан.

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, оваа недела треба да се изјасни за виновен за кршење на американските закони за шпионажа, во договор што ќе му стави крај на неговото затворање во Британија и ќе му овозможи да се врати дома во Австралија.

За се проговори и мајката на Асанж. Таа рече дека е „благодарна“ што го видела крајот на судењето на нејзиниот син.

„Благодарна сум што на страдањата на мојот син конечно му се ближи крајот. Ова ја покажува важноста и моќта на тивката дипломатија“, рече Кристин Асанж, пренесува Скај Њуз.

Инаку, Асанж помина седум години во самоизолација во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред да биде задржан во затвор со високо обезбедување во Лондон уште пет години.