Повторно е воспоставена контрола врз големиот пожар во атарот на штипското село Селце, кој денеска повторно се разгоре и сериозно се приближи до повеќе викендички. Пожарот претходно беше ставен под целосна контрола, но околу пладне, поради високите температури и силниот ветер, повторно се активира, по што е изгубена контролата врз дел од огнената линија. Поради опасноста од негово натамошно ширење, на терен се ангажирани засилени сили. Во гаснењето учествуваат пожарникари од професионалните противпожарни единици од Источна Македонија, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволни пожарникари.

–   Голема благодарност до сите пожарникари кои со натчовечки напори и со голема пожртвуваност успеаја да ја стопираат линијата на огнот која најмногу ме загрижуваше, бидејќи постоеше голема опасност за многубројните викендички покрај пресушената река Лакавица и по број се повеќе од едно поголемо македонско село. Очекувам до вечерва да имаме контрола барем на делот кој ги загрозува викендиците, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Проблем, сепак, останува горниот дел од пожарот, кој се движи во насока на планината Серта. Целта е да се спречи неговото ширење кон ова подрачје, кое и во претходните летни сезони беше зафатено од големи шумски пожари. Во гаснењето попладне се вклучени и воздушни сили. Ангажирани се „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два хеликоптери, еден полициски и еден армиски.