Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека немала намера да навреди или да влијае врз личните одлуки на граѓаните кога на првачињата им порача, покрај знаење, да побараат и братче или сестриче.
Објаснувајќи ја изјавата во вечерашното гостување на ТВ Сител, Јаневска рече дека со пораката сакала да укаже на сериозноста на демографскиот пад во земјава.
„Сосема сум свесна дека тоа е лична одлука и дека ние треба да ја почитуваме одлуката на парот што решава да има или да нема деца, или, пак, може или не може да има деца. Со таа изјава сакав само да потенцирам дека ситуацијата е алармантна“, рече Јаневска.
Таа додаде дека пораката била упатена со идеја семејствата кои сакаат и се во можност да имаат повеќе деца да размислат за тоа, но без намера да се влијае врз оние кои имаат поинакви лични околности или одлуки.
Јаневска посочи дека последиците од намалувањето на бројот на деца веќе се видливи во образовниот систем. Според неа, во земјава се затворени 148 училишни објекти, а бројот на паралелките е намален за околу 400.
Таа оцени дека бројот на укинати паралелки можел да биде и двојно поголем, но при носењето на одлуките биле земени предвид и други индикатори.
„Она што можеби е поважно и треба да се каже е дека нашето население треба да е свесно за ова што се случува во државата. Ако си ја сакаат државата, треба да се потрудат, заедно со сите нас, да ги подобриме условите за живот, за да не продолжи иселувањето и да го стабилизираме демографскиот пад“, рече министерката.
Јаневска смета дека демографските проблеми не можат да се решаваат само преку повикување на граѓаните да имаат повеќе деца, туку и преку создавање услови за подобар живот и намалување на иселувањето.
„Сите министерства работат во рамки на своите надлежности, со една заедничка цел, а тоа е подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, создавање услови тие да останат во земјата и да можат да изградат пристоен и модерен живот“, додаде таа.
Изјавата на министерката за бројот на деца предизвика реакции откако таа денеска, на првиот ден од учебната година, при посетата на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани, покрај вообичаената порака до првачињата да учат и да стекнуваат знаење, им порача и да побараат братче или сестриче.
Јаневска тогаш изјави дека со повеќе деца повторно би се отвориле училиштата кои се затворени поради намалениот број ученици. Подоцна, во телевизиското гостување, таа појасни дека нејзината намера била да го сврти вниманието кон демографските трендови, а не да навлегува во личните избори на семејствата.
