Две лица се повредени при уривање мост во регионот на Ретимно, откако силно невреме денеска го зафати јужниот дел на Грција и предизвика големи поплави на Крит. Невремето остави повеќе населени места без електрична енергија, сериозно ги оштети патиштата и доведе до затворање училишта и градинки.

Повредените се брачен пар кој со автомобил минувал преку мостот во Ливадија во моментот кога поројните води оштетиле дел од неговата конструкција, соопштија локалните власти. Планинското село се наоѓа на околу 40 километри југозападно од Ираклион, пишува порталот „Екатимерини“.

Двајцата повредени биле пренесени во болница, но засега нема информации за нивната здравствена состојба.

Невремето предизвикало и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Без струја останале Зонијана, Ливадија и Аногеја.

Поради обилните врнежи во планинската област Милопотамос, надлежните ги затвориле сите училишта и градинки. Настава не се одржува ниту во Ханија и Ретимно.

Градоначалникот Јоргос Кладос побарал од министерот за климатска криза и цивилна заштита Евангелос Турнас да прогласи вонредна состојба во општина Милопотамос.

Барањето било упатено поради обилните врнежи што го погодиле регионот и предизвикале сериозни проблеми, особено во планинските села.

Според извештаите, поројните води во Зонијана носеле автомобили. Слична била состојбата и во Ливадија, додека патиштата низ Крит претрпеле сериозни оштетувања.

Рано утринава до жителите бил упатен итен апел да го ограничат движењето и да ги избегнуваат подрачјата околу Зонијана, Ливадија и Милопотамос.

Поради неповолните временски услови биле прекинати и траектните линии од атинските пристаништа Рафина и Лаврио. Пристанишните власти најавиле дека подоцна во текот на денот ќе објават нови информации за тоа дали пловидбата и поаѓањата ќе продолжат по пладне.

Грчката Национална метеоролошка служба (EMY) прогнозира нестабилно време во јужниот дел на земјата, особено на Крит, сè до недела. Во Егејското Море се очекуваат и силни ветрови.