Концертите на Тејлор Свифт во Виена се откажани откако полицијата спречила осуетен терористички заговор поврзан со Исламска држава. Свифт требаше да одржи 3 концерти во Австрија како дел од европската етапа на нејзината светска турнеја.
19 годишно момче со потекло од Македонија – организатор на терористичкиот напад
Австриските власти доцна во средата соопштија дека уапсиле двајца мажи. Првиот е 19-годишник од австрискиот град Терниц кој има потекло од Македонија, а вториот е 17 годишно момче. Момчето со потекло од Македонија од генералниот директор на австриското МВР, Франц Руф беше опишан како „непосреден главен сторител“ во целиот процес. Според информациите, во бегство се и уште три лица кои се сомничат дека се подготвувале да извршат терористички напад.
Двајцата уапсени се родени во Австрија. Родителите на 19 годишното момче имаат корени од Северна Македонија, а мајката на 17-годишникот е Австријка. Тие беа радикализирани на Интернет и презедоа конкретни подготвителни дејствија за терористички напад, соопшти МВР и државната полиција на Виена.
Запленети се хемиски супстанци од неговиот дом
Секретарот ги додава деталите. Хемиски супстанци биле запленети во неговиот дом.
Главниот осомничен се заколна на верност на ИД на Интернет, а хемиски супстанци беа запленети при претрес во неговиот дом, додаваат властите.
Карл Нехамер: Избегната е голема трагедија
Австрискиот канцелар Карл Нехамер го призна „горкото разочарување“ што откажаните концерти ќе им го донесат на обожавателите на Свифт, но додаде дека „ситуацијата околу очигледно планираниот терористички напад во Виена е многу сериозна“. Нехамер рече дека „заканата е рано препознаена и избегната е трагедија“.
„Со потврда од владините претставници за планираниот терористички напад на стадионот Ернст Хапел, немаме друг избор освен да ги откажеме трите закажани концерти за сечија безбедност“, се вели во соопштението на Баракуда мјузик на Инстаграм.
Ќе бидат вратени парите за концертите
Баракуда додаде дека на сите сопственици на билети ќе им бидат вратени парите. Во известувањето на официјалната веб-страница на Свифт се вели дека рефундирањето ќе биде издадено „во следните 10 работни дена“.
Стадионот Ернст Хапел има над 50.000 седишта. Виена беше претпоследната станица на европската турнеја на Свифт. Следната недела таа ќе одржи концерт на стадионот Вембли во Лондон, по што ќе отпатува за Канада.