Со извици „Бараме правда!“ и „Нема правда – нема мир!“, илјадници граѓани денеска се собраа на протестниот марш под паролата „Правда за Фросина“. Маршот започна од булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што трагично загина 22-годишната Фросина Кулакова.
Во првите редови на протестот се членовите на нејзиното семејство, кои предводат масовна поворка што се движи низ улиците на Скопје. Протестот има една јасна цел – да се бара правда за Фросина и да се повикаат на одговорност сите што дозволиле оваа трагедија да се случи.
Маршот минува низ клучните институции: „Крвта е на ваши раце“
Граѓаните изразуваат својот револт пред институциите кои, според нив, не ја спречиле трагедијата. Маршот ќе мине пред Собранието, Обвинителството и Кривичниот суд, каде демонстрантите ќе го искажат своето незадоволство.
Демонстрантите носат црни маички со натпис „Правда за Фросина“ и транспаренти со пораки:
- „Секој еден може да е следен“
- „Безбедноста е право, а не привилегија“
- „Судии убијци“
- „Крвта е на ваши раце“
Протестот, кој започна кај Универзалната сала, е едно од најмасовните собири во последно време, а граѓаните порачаа дека ќе останат на улиците сè додека не добијат одговори.
Гневот расте: Возачот немал дозвола, а судот го пуштал на слобода
Трагичната сообраќајна несреќа се случи на 29 јануари, кога 20-годишен возач без возачка дозвола удри во Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“.
Јавноста остана шокирана кога беше објавено дека возачот има историја на кривични дела, но не бил во притвор благодарение на судска одлука. Ова предизвика дополнителен гнев, а демонстрантите бараат одговорност и за судијката која го пуштила осомничениот на слобода.
„Правда за Фросина“ – протестите продолжуваат!
Ова не е прв протест за Фросина. Граѓаните веќе се собраа во нејзиниот роден град, Неготино, а протестите во Скопје продолжуваат. Организаторите најавуваат дека демонстрациите нема да престанат додека не се изврши темелна истрага и не се преземе одговорност за сите пропусти во системот.
🚨 Пораката од граѓаните е јасна: нема да дозволат оваа трагедија да се заборави!