Видео на кое се гледаат млади лица качени врз автомобил, додека во позадина се слуша гласна музика, а едно лице пука во воздух со огнено оружје, се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции кај граѓаните. Дел од јавноста побара надлежните институции да го истражат случајот, предупредувајќи дека ваквото однесување претставува сериозна опасност доколку навистина се случило во урбана средина.

Снимката првично ја објави активистот и адвокат Умејр Мухамеди, кој праша: „Дали е ова Гостивар или Курдистан?“. Подоцна видеото го отстрани од својот профил, како што наведе, од коректност кон сопственикот на возилото, кој според него не бил поврзан со настанот.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека во изминатиот период во ОВР Гостивар не била поднесена пријава за неовластено пукање со огнено оружје за време на семејни веселби. Сепак, по објавувањето на снимката, полицијата почнала да постапува по службена должност.

„Во изминатиот период нема пријава во ОВР Гостивар за неовластено пукање со огнено оружје при семејни веселби, а во врска со настанот, по допрен глас се преземаат соодветни мерки за идентификување на лицата и расчистување на случајот“, соопштија од МВР.