Утрово регионот се разбуди со веста дека еден припадник на полицијата на Косово е убиен, а уште еден е ранет рано утрово во напад од непознати и маскирани лица во селото Бањско. Иако по ова се шпекулираше дека тензиите ќе спласнат, сепак навидум сега започнуваат. По убиството, се слушаат пукотници на северот во Косово, а премиерот Албин Курти обвинува дека се наоѓаат 30 вооружени лица, кои според него се под инструкции на официјален Белград.

Во вонредна прес-конференција Албин Курти рече дека „најмалку 30 тешко вооружени професионалци ја напаѓаат косовската полиција“, а за нападот директно ја обвини српската страна.

Очевидци од околината на селото Бањско споделуваат видеа на социјалните мрежи кои се застрашувачки и јасно се слушаат пукотници и истрели.

Курти вели дека Белград го финансира овој напад.


Се разбира, на ова возврати и официјален Белград. Претседателот на српското Собрание, Владимир Орлиќ изјави дека косовскиот премиер Албин Курти веднаш побрзал да ги обвини Србите за настаните во Бањска и дека секој сериозен прво би видел што точно се случило, па потоа да коментира.

За неколку минути вонредна прес-конференција ќе одржи и Александар Вучиќ, на која како што вели, ќе ги разобличи лагите на Албин Курти.