Кремљ ја обвини Украина дека се обидува да ја прошири зоната на конфликт кон Средоземното Море и кон Балтичкото Море. Ваквиот потег официјална Москва го оцени како исклучително опасен развој на настаните.

Украина претходно потопи руска корвета во пристаништето Бенгази со употреба на поморски дронови, само еден ден откако удри во руски товарен брод во Финскиот Залив.

Како одговор на заедничката изјава на Соединетите Американски Држави и НАТО со која ја повикуваат Москва да не го шири конфликтот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека никој не сака војната да ескалира, но подвлече дека токму Киев, а не Русија, презема чекори за проширување на борбената зона.

„Што се однесува до ескалацијата на конфликтот во Украина, се чини дека ова се однесува на обидите на режимот во Киев да го прошири географскиот опсег на овој конфликт. Сведоци сме на терористичка активност од страна на режимот во Киев во Средоземното Море и во Балтичкото Море. Ова не може, а да не предизвика загриженост кај крајбрежните држави, а најверојатно и во рамките на алијансата како целина. Секако, никој не би сакал конфликтот да се прошири географски, а ова се потенцијално многу опасни дејствија од страна на режимот во Киев“, изјави Песков.

Либиските власти исто така ги осудија украинските акции на нивното крајбрежје. Италија му укажа на Киев дека нападите врз руските бродови во либиските територијални води претставуваат грешка и испрати предупредување да не се шири географскиот опсег на војната. Норвешка, која важи за силен поддржувач на Украина, исто така апелираше за голема претпазливост при поморските операции во Балтичкото Море и ја нагласи потребата од зачувување на регионалната стабилност.