Предлог-законот за правична и соодветна застапеност ја вжешти атмосферата во Собранието, иако на денешната 111-та седница воопшто не беше отворена расправа за законското решение. Обвинувањата за кршење на Деловникот, процедуралните забелешки, меѓусебните довикувања и паузите прераснаа и во навреди меѓу пратениците.
На собраниска комисија, пратеничката Лидија Петкоска, обраќајќи ѝ се на пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска, ја нарече „кокошка“.
„Само два аргументи за колешката Јована Тренчевска, која скокаше тука како кокошка…“, рече Петкоска, по што следуваа бурни реакции од присутните. Дел од пратениците потсетија дека само неколку дена претходно бил потпишан Кодексот за однесување на пратениците во Собранието.
Тензии имаше и во пленарната сала, каде што поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери и актуелната потпретседателка Весна Бендевска меѓусебно си дофрлаа и се критикуваа за начинот на водење на седниците. Бендевска, која го заменува претседателот Африм Гаши, рече дека Деловникот дозволува гласањето да биде одложено.
ДУИ жестоко реагираше, обвинувајќи ја власта дека сака „шверцерски“ да го донесе законот и без образложение го одложува гласањето, иако во салата биле присутни пратениците од немнозинските заедници. Партијата побара законот веднаш да биде ставен на гласање или точно да се утврдат денот и часот кога ќе се одлучува, бидејќи за неговото усвојување е потребно и Бадентерово мнозинство.
Со процедурални забелешки албанската опозиција не дозволи да продолжат расправата и гласањето за другите точки од дневниот ред, барајќи прво да се одлучува за Законот за правична и соодветна застапеност.
Законското решение беше подготвено по укинувањето на „балансерот“, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН го претставува како начин за уредување на уставниот принцип на правична застапеност. Предлогот, сепак, предизвика силни реакции кај албанската опозиција, особено во ДУИ.
Меѓу најгласните критичари е потпретседателот на ДУИ и поранешен вицепремиер Бујар Османи, кој претходно изјави дека пратениците на партијата мора да најдат начин да го спречат донесувањето на законот, „ако е неопходно, и со физичка сила“. Од власта тогаш одговорија дека неговите изјави се дел од политичкиот фолклор и порачаа дека законот е дел од коалицискиот договор и ќе биде усвоен.
Со предлог-законот е предвидено кандидатите при вработување во администрацијата доброволно да се изјаснуваат за својата етничка припадност, но и да имаат право воопшто да не се изјаснат. За да се спречат злоупотреби при произволно изјаснување, би се земале предвид личното име запишано во личната карта или во друг јавен документ издаден од надлежен орган.
Доколку биде утврдена злоупотреба, кандидатот би бил одбиен на конкретниот оглас и не би можел повторно да конкурира во следните три месеци. Ако двајца кандидати од различни етнички заедници имаат еднакви квалификации, предност би имал оној што припаѓа на заедница која не е застапена или е минимално застапена во институцијата.
Предвидено е и посебно координативно тело да го следи остварувањето на правата на заедниците и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. На негово барање, надлежните институции би биле должни во рок од 30 дена да достават податоци за застапеноста на припадниците на сите заедници.
Според одлуката на Комитетот за односи меѓу заедниците, за усвојување на законот е потребно мнозинство од присутните пратеници што припаѓаат на помалите етнички заедници, односно таканаречен „мал Бадентер“, а не мнозинство од вкупниот број пратеници од заедниците.
