Мечок вчера бил заглавен во сајла во селото Бозовце во Шар Планина. По повикување на стручни лица од Зоолошка градина Скопје, мечокот, кој бил возрасен мажјак, е успешно ослободен.

Националниот парк Шар Планина на профилот на установата на социјалната мрежа Фејсбук објави видео како се прави ослободување на мечок кој бил заглавен поради сајла.

Возрасниот мажјак го забележал сопственик на бачило од селото Бозовце па се јавил во Националниот парк. Од таму потоа повикале стручни лица од Зоолошка градина Скопје, по што во текот на вчерашниот ден мечокот е ослободен.

На видеото се гледа како мечокот прво се успива. Потоа се сече сајлата и му се прави проверка на ногата. Констатираат дека има само гребаници поради сајлата но дека зглобот е добар.

-По дојава на локален жител од село Бозовце дека во неговото бачило е заглавена мечка, Ј.У.Н.П. Шар Планина заедно со стручни лица од Јавната установа Зоолошка градина на град Скопје организираа акција за ослободување на животното. Возрасниот мажјак кој беше заглавен во сајла околу 10 часа, беше изморен и исплашен, а по три часа работа Бозо беше успешно ослободен. Упатуваме благодарност до сопственикот на бачилото кој го пријави настанот за да се ослободи мечката. Благодарност и до полициските службеници за напорите да го обезбедат теренот, како и до сите други надлежни институции со кои се координираше акцијата, информираат од Национален парк Шар Планина.

Од Националниот парк потсетуваат дека мечките законски се строго заштитени животни на Шар Планина.