Извештајот на американскиот Стејт департмент е важен, но само последен документ во низата во кој што се нагласува дека постојат кредибилни обвинувања заради корупција на власта во Македонија. Бизнисот пропаѓа и трпи за сите само не за членовите на власта, што создава чувство кај граѓаните за граѓани од прв и за граѓани од втор ред, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Не само бизнисот туку и севкупното живеење е доведено на раб на егзистенција. Македонија водена од Зоран Заев и од СДСМ се најде во фокусот на медиумите само и само заради криминалот и за корупцијата. Македонија е држава којашто нема пасоши за сопствените граѓани, а има пасоши за белосветски мафијаши. Македонија стана препознаена како „црна здравствена дупка“ затоа што СДСМ наместо по вакцини тргна по провизии. Македонија е во рецесија затоа што СДСМ и Заев наместо по капитални инвестиции тргнаа по местење тендери и големи провизии. Македонија тоне заради рекет на Вице, торбата на Ден Дончев, менувањето на обвинение за „Поткуп“. ДКСК отвора, но не затвора предмети навремено коишто ја скандализираат јавноста. Јавното обвинителство молчи за најголемите скандали, дури и кога е прислушкувано, чекајќи Републичкиот главен обвинител да биде награден и унапреден.

Затоа Македонија е на 111-то место на светското рангирање, затоа продолжува да паѓа на сите мерења на Транспаренси, на Херитиџ, затоа со Македонија владее хибриден режим на Заев и на СДСМ. Не постои релевантен светски извештај којшто не го покажува тоа дека криминалот и корупцијата се основно обележје за Македонија водена од Заев и СДСМ.

За жал во Македонија тоа не е само на хартија, тоа што е напишано во извештајот, за сите во Македонија е секојдневна борба за преживување. И за жал, очекуваме повторно оној задолжениот министер ЗА корупција да го негира извештајот, зборувајќи за некаква неточна перцепција и да тргне „во лов“ по нови количества путер.

Местото на корумпираните и криминогените политичари им е во историјата. Криминалот и корупцијата ја раздоруваат демократијата, а тоа наскоро ќе се промени. Време е Македонија да ја поведат чесни политичари, време е за концептот Македонија за сите луѓе, додава Стоилковски.