Александар Волкановски се качи во дивизија погоре во УФЦ, му пружи силен отпор на шампионот во лесна категорија, Ислам Махачев, но рускиот борец на поени го одбрани појасот.
Откако беше исклучително доминантен во својата категорија, Волкановски одлучи да се качи во лесната дивизија каде шампион беше, и се уште е Ислам Махачев.
Махачев беше голем фаворит во дуелот со Волкановски, но во октагонот борбата беше рамноправна. Австралијанецот со македонско потекло имаше импресивни моменти, многу значајни удари и одбрана од тејк-дауните на Ислам за кои е специјализиран.
Волкановски особено беше подобар во последната рунда, но не успеа да го финишира Махачев. На крајот судиите пресудија во полза на рускиот борец.
Но, Волкановски не разочара, напротив, и покрај поразот импресионираше со своето издание и на социјалните мрежи повеќе се коментира неговиот настап отколку тој на Махачев.
„По овој пораз и овој тест јас сум подобар борец од претходно. Сега ќе се вратам на обврските во перолесна категорија, а потоа повторно ќе дојдам во лесна дивизија за уште еден предизвик“, рече Волкановски по мечот.