– Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности. Почитувајќи ги овие уникатности и истовремено јакнејќи ја институционално нашата држава со преземање инклузивни и позитивни политики, ги поставивме темелите на Северна Македонија како рамноправно општество, рече премиерот Зоран Заев на Свечената академија по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Овој договор, оцени премиерот, донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, наместо да ги рушат.

– Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни Татковина, рече Заев.

На прославата присуствуваше владиниот врв, претставници од албанските партии, но не и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски според кого, Рамковниот договор е завршена работа.

– Рамковниот договор е завршена работа, а приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи. Наместо парите да ги пренаменат за други граѓански потреби, одлучиле да слават кога најмалку е време за славење. А во меѓувреме каква е реалноста? Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово и после 4 години се уште не е реновирана. Нема ниту збор од канализацијата во Другово, напиша Мицкоски во текот на вчерашниот ден на својот Фејсбук профил.