Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе продолжи да инвестира во општествениот и економски развој на Република Македонија со поддршка на проектите за побрзо закрепнување на економијата од последиците од пандемијата со КОВИД-19 со посебен фокус на малите и средни претпријатија, како и за проекти од Зелената агенда за инвестиции во обновлива енергија, енергетска ефикасност и дигитализацијата како дел од програмата што произлегува од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.

Ова е заедничкиот заклучок од средбата на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими со претседателот на ЕИБ Вернер Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.

ЕИБ е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со Владата на Македонија и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел. До денеска, ЕИБ инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти во Република Македонија, поддржувајќи клучни сектори на економијата – инфраструктурата, енергијата, транспортот и малите и средните претпријатија.

– Владата на Македонија неодамна го одобри Зеленото сценарио за структурен развој на секторите за транспорт, енергија, животна средина и климатски промени. Имаме амбициозна агенда која ќе биде поддржана со значителни инвестиции, како придонес за иднината не само на Македонија, туку и на Европа како целина. Ние веруваме дека Европската инвестициска банка може да биде наш клучен партнер во овој потфат и очекувам блиска и успешна соработка во следните години, истакна премиерот Заев на средбата со првите луѓе на ЕИБ.

На работниот состанок на владината делегација со ЕИБ беше нагласено дека традиционалното партнерство во претстојниот период со поддршка за спроведување на двата клучни проекти во моментов во Македонија за кои земјата аплицираше на последниот повик за инвестициски грантови во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан – Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.

– На претседателот Хојер му ја пренесов нашата заинтересираност за подобра соработка во спроведување на нашата инвестициска агенда презентирана преку Единствената листа на проекти, за што го поканивме ЕИБ да отвори свое претставништво во Македонија. Сè на сè, одличен почеток на работната посета на Луксембург, со охрабрувањето што го добивме од врвот на банката за сите наши планови во пост-ковид периодот и за нашиот план за ре-старт на економијата и за враќање на развојните трендови кои Европската инвестициска банка ги препозна и ќе ги поддржи и во иднина, изјави премиерот Заев.