Стево Крстевски, директорот на Фондот за здравствено осигурување во време на здравствена и економска криза троши 82.600 евра за купување на две луксузни лимузини од марката Форд, модел – „Мондео титаниум“, за него и за Фатон Ахмети.

Народот собира донации за лекување преку СМС пораки, лекари носат пациенти на раце затоа што нема амбулантно возило, недостасуваат инсулин и клексан, а Крстевски од ФЗОМ купува луксузни лимузини, ова се опишува со еден единствен збор – „одлепени од реалноста“, рече денеска во изјава за медиумите, Игор Здравковски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– За ова ли сакате повисоки даноци? Народот ли треба да го плаќа вашиот луксуз и неизживеаност? Луѓе буквално умираат чекајќи пари за операции. За оваа клика на власта, од која дел е и Крстевски човечкиот живот очигледно не вреди пет пари, но затоа вредат луксузните лимузини на кои не штедат, ниту во време на криза. Крстевски и СДСМ не знаат за срам, да имаа срам немаше воопшто да ги набават двете луксузни возила вредни 82.600 евра, за кои договорот за набавка го потпишале на 20-ти мај, пред точно шест дена, посочи тој.

Здравковски истакнува дека сега, пред да биде предоцна, бараат Крстевски веднаш да го раскине договорот за набавка на двете луксузни возила, а парите да се пренасочат за набавка на две амбулантни возила.

– Сигурно има возила со кои може да се вози Крстевски, и тие не мора да бидат нови, но амбулантни возила нема доволно, но наместо да чекаме на донации на приватни фирми ФЗОМ може да почне со откажување од луксузот за сметка на здравјето на граѓаните, додаде тој.