Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа изјави дека рускиот воздушен простор ќе биде „де факто затворен“ поради украинските дронови.

-Сакам да ги предупредам сите авиокомпании што го користат рускиот воздушен простор, сите осигурителни компании, сите што ги користат клучните руски аеродроми дека руското небо станува исклучително опасно. Иако руските власти не соопштуваат, руското небо де факто ќе биде затворено, посочи Зеленски.

Тој додаде дека Украина не го загрозува цивилното воздухопловство, но оти превозниците кои летаат за Москва, Санкт Петербург или други локации мора да го земат предвид ризикот од дронови на руското небо.

Рускиот претседател Владимир Путин ја нарече пораката на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека рускиот воздушен простор ќе стане сè поопасен и „де факто ќе биде затворен“ поради украинските беспилотни летала, „најава за државен тероризам“. Тој исто така рече дека Русија ќе одговори доколку нападите доведат до трагедии поврзани со цивилното воздухопловство.

Путин зборуваше за ова со новинарите во Бишкек по самитот на Шангајската организација за соработка.

„Не сум слушнал такви изјави, но ако е изговорено гласно, тогаш тоа е едноставно најава за државен тероризам“, рече Путин.

Потоа ја поврза изјавата на Зеленски со преговорите за завршување на војната.

„Го насочувам вниманието на фактот дека тие бараат од нас да продолжиме со преговорите, бараат лични средби. Нема преговори со терористи. Тоа е првото нешто. И второ, ако, не дај Боже, се случат вакви трагедии, ќе најдеме начин да одговориме. Никој нека не се сомнева во тоа“, рече Путин.