Костадиновска сведочеше за трагедијата во „Пулс“

Придружната пејачка на поранешната група ДНК, Ана Костадиновска, која го преживеа катастрофалниот пожар во Кочани во кој загинаа главните вокали, денеска прва сведочеше на рочиштето за трагедијата во дискотеката „Пулс“, пренесе СДК. Таа се појави како сведок на Обвинителството.

„Сара Пројковска ми беше пријателка и соработничка. Бев надворешен член на групата. Улогата на Мартин Атанасовски, за кого ме прашувате, беше технички одговорен за настапите, но не знам кој ги местеше прскалките. Во последните 4-5 години ДНК беше многу баран бенд и настапуваше често. На сите настапи во последните години имаше прскалки и никогаш немаше проблем. Стоеја до нас, до опремата, прскаа во мене, никогаш немало проблем“, изјави Костадиновска.

„Видов искри, вратата беше заклучена“

Таа раскажа дека пред настапот членовите на бендот чекале во импровизирана канцеларија до дискотеката, бидејќи објектот немал просторија во близина на бината, па до сцената се движеле низ публиката.

„Јас и Сара се подготвувавме во импровизираниот тоалет. Во просторијата до бекстејџот седевме и се смеевме, немаше ништо невообичаено. Обично имаме просторија блиску до бината, но тука немаше таква“, сведочеше таа.

Пожарот избувнал за време на четвртата песна.

„Ја изведувавме песната ‘Што сака нека биде’, на рефренот беа пуштени прскалките. Инстинктивно погледнав нагоре и видов искри. Панчо на микрофон рече да излеземе. Не ја сфативме веднаш сериозноста. Видов врата до бината, но беше затворена со катанец и не можевме да излеземе. Почувствував топлина, пукање и удар во грбот од пластика. Настана стампедо. Паднав најдолу, пред самиот излез. Се чувствуваше мирис кој тераше на спиење. Беше хорор, не можам да опишам“, рече Костадиновска.

„Бендот беше мојата фамилија“

Таа посочи дека во толпата имало момче од Кочани кое им помогнало на присутните да останат будни и подоцна да ги извлекуваат затруените, носејќи црна маичка со црвена апликација.

Костадиновска се здобила со изгореници на лицето и грлото, односно на гласните жици, а по телото има лузни од жешка течност што капела врз неа.

„Бендот ДНК беше мојата фамилија, а Сара беше мојата сестра. До денес трагичната вест не сум ја прифатила, работам на тоа со психолози“, изјави таа.

На денешното рочиште продолжуваат сведочењата на сведоци предложени од Обвинителството, по што следуваат вкрстени прашања од адвокатите на обвинетите.