Пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба да започнат без одлагање – ова е апсолутен врвен приоритет. Работата продолжува кон изнаоѓање заемно прифатливо решение за преостанатите билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија со чувство на екстремна итност, изјави висок претставник на ЕУ по завршувањето на Самитот на ЕУ за Западен Балкан.
Тој информираше дека на денешната средба на лидерите на Европската Унија и земјите од Западниот Балкан во Брисел, што траеше околу четири часа, се дискутираше за актуелната геостратешка ситуација и начините за понатамошно зајакнување на односите помеѓу ЕУ и државите од регионот.
На средбата, како што јави дописничката на МИА од Брисел, јасно и недвосмислено била повторена европската перспектива на Западниот Балкан и иднината на регионот во Унијата.
– Поради војната во Украина проширувањето на ЕУ се најде на важна позиција, изјави високиот претставник на ЕУ.
Прво, како што појасни тој, тоа значи унапредување со процесот на пристапување, со продолжување со реформите, особено оние поврзани со владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата.
Второ, според него, процесот на интеграција треба да се зајакне, односно да се понудат конкретни социо-економски придобивки за партнерите од Западен Балкан веќе за време на пристапните преговори, постепено да се интегрираат во работата на ЕУ, бидејќи тие го спроведуваат правото на ЕУ во секој сектор, со завршување на визната либерализација за регионот.
Трето, нагласува, итно е да се постигне напредок во билатералните и регионалните спорови, меѓу другото и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, преку дијалогот Белград-Приштина и политичкиот договор на лидерите на Босна и Херцеговина од пред неколку недели во Брисел да и помогне на земјата да напредува на патот кон ЕУ и кон кандидатскиот статус.
– На состанокот, лидерите од Западен Балкан разговараа за иницијативата на европската политичка заедница за создавање политичка платформа каде ќе може да се одржуваат размени од учесниците низ европскиот континент како дополнување, а не како алтернатива на процесот на проширување, наведува високиот претставник на ЕУ.
ЕУ, како што нагласува претставникот на Унијата, ќе продолжи да му дава поддршка на регионот, вклучително и да му помогне да се справи со предизвиците што произлегуваат од војната во Украина, на пример со поврзување со иницијативите на ЕУ за безбедноста на храната и енергијата, поддржувајќи ги зајакнувањето на кибер безбедноста и справувањето со хибридни закани и дезинформации.
– Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западниот Балкан ќе обезбеди до 30 милијарди евра инвестиции за да му се помогне на регионот во економското закрепнување и конвергенција со ЕУ и да поддржи стратешки проекти кои ја подобруваат поврзаноста и отпорноста на регионот, посочи тој, додавајќи дека првиот пакет од 21 водечки проект, вреден над три милијарди евра веќе е лансиран на почетокот на оваа година.
Лидерите ја изразиле својата поддршка за народот на Украина кој продолжува да се бори за својата слобода.
– ЕУ одлучно одговори на руската инвазија и беше изразена благодарност до оние партнери кои се усогласија со санкциите на ЕУ. Лидерите се согласија да продолжат со своите ангажмани и редовно да се состануваат, заклучи високиот претставник на ЕУ по Самитот.