Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Северна Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по завршување на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.

– Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите, за да се започнат преговори до крајот на јуни, рече Ковачевски.

Премиерот нагласи дека граѓаните можат да се спокојни, бидејќи секогаш во прв план се стратешките интереси и цели на државата, како и тоа оти никој не може да ни наметне решение без наша согласност и оти државава направи се, а сега ЕУ е на потег.

Тој потенцира дека никој не може без наша согласност да наметне какво било решение и дека ние направивме се, а сега ЕУ е на потег.

– Што се однесува до францускиот предлог, најпрво би сакал да упатам благодарност до претседателот Макрон за неговиот ангажман и за вложениот напор за изнаоѓање решение. Во тој динамичен процес на работа со француското претседателство ние ги соопштивме нашите позиции и црвени линии, рече Ковачевски.

Тој ги повтори клучните елементи под кои би бил прифатлив предлогот – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот и цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој се уште не е усогласен со бугарската страна.

Тој повтори и дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

– Имајќи ги предвид околностите во кои се наоѓаме, на самитот денеска изразив незадоволство од динамиката со која се одвиваат процесите за пристап и отпочнување на преговорите. Северна Македонија е земја кандидат близу 18 години. Договорот за стабилизација и асоцијација го потпишавме пред точно 21 година. Во март 2020 Европскиот совет донесе одлука за безусловен старт на преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Но, еве сме тука денеска, а преговорите се уште не се започнати, истакна Ковачевски.

Тој оцени дека ова што се случува денеска е сериозен проблем и сериозен удар врз кредибилноста на ЕУ и оти губиме скапоцено време кое реално го немаме на располагање.

– Северна Македонија и Албанија, но и регионот не смееме да дозволиме да тапкаме во место поради една земја членка која едноставно не успева да се искоординира и да обезбеди деблокирање на нашиот европски пат. Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем. Северна Македонија е земја која светот денес ја препознава како земја која успева преку отворен дијалог да разреши горливи и тешки прашања. Како земја која е посветена на изнаоѓање заеднички прифатливи решенија кои се базирани на европски вредности и достоинство на граѓаните, нагласи премиерот.

Тој потсети дека со истата идеја влеговме и во процесот на преговори со Бугарија, како што рече, „искрено и со желба истите да се поставени на европски вредности“.

– Месеци наназад инсистиравме да си го посветиме времето и вниманието кон иднината и кон изнаоѓање решенија кои ќе го деблокираат процесот за пристапување и за Северна Македонија и за Албанија. Бугарија, пак, од друга страна реши да се врати во минатото и повторно да постави блокада која никому не оди во прилог, освен на одредени трети страни кои ќе имаат отворен терен да ги пополнат празнините кои неминовно ќе се отворат со вакви непромислени чекори што е исклучително важно од геостратешки аспект, посочи тој.

Ковачевски рече дека во меѓувреме, Северна Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива ЕУ, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните преку иницијативата „Отворен Балкан“.

– Иницијативата „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ, но е контекстот кој е потребен додека се приклучиме на семејството на ЕУ додека чекаме предвидливи кредибилни забрзани евроинтеграциски процеси, додаде тој.

Ковачевски информира и дека ја слушнале иницијативата на претседателот Макрон за воспоставување на европска политичка заедница како платформа за стратешки политички дијалог и одлуки кои се важни за целиот Европски континент и оти ја поздравуваат оваа иницијатива и сметаат дека е важно да се воспостави токму во овој момент, но би сакале да видиме како ќе функционира и кои се конкретните цели.

– Би сакал да заклучам со следново. Сите 27 лидери, 27 нации, 27 земји кои се приклучија на ЕУ сите се приклучија гордо со сите различности и со целосна почит за своите и за туѓите културни, лингвистички и историски различности. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат. Тоа е она што и ние го посакуваме. Ништо повеќе и ништо помалку. Почит за лингвистичкиот, етничкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ и да се приклучиме во Унијата гордо заедно со сите членови на ЕУ, заедно со сите народи членки на ЕУ и секако исполнувајќи ги сите критериуми за членство, заклучи Ковачевски во обраќањето на прес-конференцијата во Брисел по завршување на Самитот ЕУ – Западен Балкан.