Вкупно 55 случаи на западнонилска треска се регистрирани досега во државата. Од нив, 53 се потврдени, од кои 52 биле хоспитализирани – соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски. Тој информира дека последната недела има пет случаи, од кои два се непотврдени, што е намалување во однос на претходните три недели кога имало од 9 до 11 случаи, а промени има и во тоа што последните случаите на западнонилска треска во Скопје доаѓаат од северниот, североисточниот дел на градот, за разлика од досега кога биле регистрирани претежно во јужниот дел од градот.

– Моментната состојба е 19 хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, од кои 17 се потврдени, два непотврдени – соопшти министерот за здравство, Сашо Клековски.

Смртноста досега е 11,5 проценти, просечното траење на лекувањето е 14 дена. Најдолгото лекување траело 29 дена, најкраткиот испис е по осум дена.

– Врвот на оптовареност на Клиниката за инфективни болести е на 12 август кога имало 24 хоспитализирани случаи. Моментно, според овој пресек, се 18 – додаде Клековски.

Тој појасни дека односот машки – женски е 3,7 спрема 1. Значи, речиси 4 наспроти 1 во однос на хоспитализациите – четирипати повеќе мажи се хоспитализирани од жени. Сите починати се мажи.

Клековски информира дека првата хоспитализација била во мај. Потоа повеќе недели немало ниеден случај. Потоа почнал раст. На 18 јули Институтот за јавно здравје го издал извештајот врз основа на кој се констатирал овој раст и почнале да се спроведуваат мерките.

Најмногу хоспитализации имало во периодот од 3 до 24 август.

Последната недела имало три потврдени случаи и два непотврдени, вкупно пет хоспитализации оваа недела во споредба со 9 до 11 хоспитализации во претходните три недели.

– Дополнителна промена на епидемиолошката слика е дека од условно од Скопје југ, новите случаи сега се од Скопје север, условно се изразувам, или североисток, и тоа го констатираме и се договараме со Град Скопје и со општините за преземање соодветни мерки во тој правец – додаде Клековски.

Трета птица, гавран, била позитивна на западнонилска треска во општина Карпош кај Драмскиот театар.

– Тука да апелирам до граѓаните, бидејќи бројот на пријави на мртви птици надминува 20-30 дневно само во Скопје, да не пријавуваат одамна пцовисани, изедени, распаднати птици, бидејќи не може да се изврши тестирање на такви птици. Фокусот на пријавување да бидат гаврани. И замолница, бидејќи во Скопје приближно ја знаеме состојбата, ќе се обидеме да се фокусираме на мртвите птици надвор од Скопје бидејќи тие ќе бидат епидемиолошки поважни наоди отколку наодите во Скопје – рече Клековски.

Директорот на Инфективната клиника во Скопје, доктор Фадил Цана, одговарајќи на новинарско прашање, информира дека моментно на Клиниката на одделот за интензивна нега се петмина пациенти.

– Моментно на Клиниката за инфективни болести на одделот за интезивна нега се пет пациенти, од кои сите беа во тешка клиничка форма. Тројца од пациентите се екстубирани, значи кај нив е значително подобрена клиничката слика и очекуваме дека бргу ќе закрепнат, така што засега во моментот остануваат сè уште на респиратор двајца пациенти, кои се доста во изразито тешка состојба. А другите пациенти, затоа што вкупно моментно се хоспитализирани 19 пациенти, се во добра здравствена состојба – одговори Цана на новинарско прашање.

Тие со потешка клиничка форма биле во напредната возраст, стнаувало збор за пациенти што имаат доста придружни заболувања. Сите биле машки лица.

Сите што биле хоспитализирани биле над 60 години. Или 66,8 години просечната возраст на хоспитализацијата.

Досега 28 биле оздравени и пуштени дома