Штрајкувачите да не се донесуваат во заблуда, наставата и преговорите да продолжат, апелираат од Владата. Оттаму оценуваат дека е неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк, и покрај понуденото решение за раст на платите.
– Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори, велат од Владата.

Ги повикуваат наставниците, воспитувачите и негoвателите да го стават интересот на децата
пред личните интереси, враќајќи ја наставата и згрижувањето на децата во училиштата и градинките.

– Истовремено најдобронамерно информираме дека со одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата, а за кој причината е унапредување, а не кршење на работничките, е груба манипулација и ставање во заблуда на штрајкувачите. Согласно Законот за работни односи и колективните договори за основно и средно образование, и за вработените јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, доколку се организира штрајк во периодот на усогласување на минималната плата, тој се смета дека се однесува на унапредување на правата на вработените кои штрајкуваат. Поради тоа законското решение и решението согласно колективниот договор определува исплата само на придонесите на платите, појаснуваат од Владата.

Според Владата, со понуденото решение за зголемување на платите од 10 проценти, месечните примања на наставниците и воспитувачите во просек ќе се зголемат за 2,500 денари.

– Понудена е и методологија со која Владата ќе обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование. Претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 процент. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари, појаснуваат од Владата.