Владата доцна попладнево ги усвои препораките од Комисијата за заразни болести, но ќе се применуваат од утре откако прво ќе бидат објавени во Службен весник, пренесува телевизија Сител.
Полицискиот час продолжува уште две недели до 15-ти јуни, а ќе трае исто, од полноќ до 4 часот наутро.
Веќе нема да мора да се носи заштитна маска на отворено, но останува задолжителна во јавниот превоз, такси превозот и сите затворени простории. Се укинува и ограничувањето за групирање на јавен простор. Се дозволува и организирање на свадби, прослави и веселби на отворено, каде може да има максимум 100 гости, но не повеќе од 50% од капацитетот.
Олеснувања има и во однос на работата на угостителските објекти. Сега на една маса ќе може да седат шест лица, наместо како до сега по четворица. Угостителите го поздравуваат олабавувањето на мерките, но сметаат дека има многу нелогичности. Бараат да се дозволи жива музика секаде, а не само во рестораните за свадби, но и да се дозволи гласна музика.
Од денеска дозволено е и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено, но само до 30% од вкупниот капацитет со задолжително одржување меѓусебно растојание. Се укинува и мерката за работа во смени и од далечина.