Здравствената криза ни покажа колку образовниот систем е кревок, а предизвиците кои ги донесе пандемијата може многу негативно да се одразат на знаењето на учениците, особено кај најмалите и да создадат празнини што тешко дека некогаш ќе можат да се надоместат доколку немаме квалитетен наставен кадар кој ќе успее ефектите од тие предизвици навремено да ги анулира и да ги заштити нашите деца. За среќа, нашата држава има токму таков наставен кадар, вели министерката Мила Царовска во честитка по повод Светскиот ден на учителот 5 Октомври.
Посакувајќи им на сите наставници добро здравје и уште многу индивидуални и колективни успеси, Царовска наведува дека нашиот нставен кадар е посветен на работата, одговорен и подготвен да реагира кога учениците се засегнати од негативни појави и влијанија и да ги одржи на вистинскиот пат за остварување на очекуваните резултати од учењето, како би биле подготвени за живеење и работа во новиот свет на 21 век.
Посочува дека партнерски работи со наставниците на крупните промени за подобро образование, а и дека е потребна целосна сплотеност во општеството за ги поддржиме нивните напори, да ги охрабриме и уште повеќе мотивираме за ефикасно и ефективно исполнување на секојдневните обврски кои, како што вели, „за волја на вистината, многу често не им завршуваат со завршување на часовите во училиштето“.
– Уверувам дека актуелната Влада е и ќе продолжи да биде вистински предводник на процесот за подигнување на достоинството на наставниците. Повисоки плати, повеќе можности за кариерен и професионален развој и подобри услови за работа беа целите на кои бевме посветени во изминатите неколку години и ќе бидеме уште повеќе во периодот пред нас. Успеавме да ги зголемиме нивните плати за над 21 процент, да обезбедиме можности да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки месечни приходи како додаток на плата, да ги подобриме условите во кои работат преку инвестиции во инфраструктурата и во набавка и модернизација на опремата и нагледните средства за поедноставен, а сепак поквалитетен наставен процес, наведува Царовска.
Додава и дека наскоро ќе има значајни измени на Законот за наставниците и стручните соработници во основните училишта, кој е заглавен во Собранието.
– Иако во моментов постојат политички субјекти кои се противат на неговото усвојување без никаква оправдана причина, туку од чиста политичка побуда, сигурна сум дека ќе постигнеме целосна политичка согласност и ќе ги усвоиме, овозможувајќи им на наставниците полесно да се вработуваат во училиштата, оние кои работат со договори на определено, да добијат трајни решенија и економска и правна сигурност, да почне редовното исплаќање на додатоците на плата кои ги заслужуваат, но исплатата не е правно регулирана, а платата да им се зголемува континуирано со секое зголемување на минималната плата, истакнува министерката за образование и наука.
Лично и во име на МОН и Владата, Царовска им се заблагодарува на просветните работници што ги едуцираат децата, со порака да продолжат да ги мотивираат критички да размислуваат, да ја развиваат нивната креативност и иновативност.
-Во меѓувреме, вложувајте во себе и користете ги можностите кои ги создаваме за вас. Драго ни е што ве имаме за сојузници и верувам дека така ќе продолжи да биде. Затоа што само заедно можеме да го направиме образованието поквалитетно, да им овозможиме на децата иднина каква што заслужуваат, а на државата развој во посакувана насока, порачува Царовска по повод Светскиот ден на наставникот.