-Врвот на СДСМ вети дека во Македонија ќе се инвестираат над осум милијарди евра, исто како што локалните функционери од СДСМ и ДУИ неодамна ветија дека во Општина Струга ќе се инвестираат над осум милиони евра.
И како што обично се случува, ако немаш намера да го исполниш ветувањето, во предизборната кампања нудиш совршенство, нудиш планини и долини, нудиш сѐ и сешто.
Од ветеното сѐ и сешто од СДСМ за Струга ќе набројам само дел:
• Дислокација на дивата депонија и изградба на нова, регионална, модерна, санитарна депонија со рециклажа;
• Доизградба и реконструкција на дотраената водоводна мрежа;
• Доизградба на канализационата и колекторска мрежа, изградба на прочистителни станици и атмосферска канализација;
• Реконструкција на затворениот пливачки базен;
• Реконструкција на градскиот пазар;
• Изградба на катна гаража:
• Изградба на стационар за кучиња скитници;
• Изградба на градска марина;
• Реконструкција на локални и магистрални патишта;
• Инвестиции во туризмот и угостителството;
• Инвестиции во образованието и здравството;
• И што ли уште не…
Се разбира, тоа што двоецот СДСМ и ДУИ ќе го вети, никогаш нема да се реализира.
Еве, ќе се обидам илустративно да ви ја опишам дивата депонија. Замислете дека станува збор за огромен станбен комплекс од седум ката или било кој фудбалски стадион на кој се игра европското првенство во фудбал. Но, за разлика од хуманите споредби ние имаме вистинска еколошка бомба со истите димензии, сместена на периферијата од градот која е сериозна опасност за животот и здравјето на луѓето. Оваа депонија не само што го загадува воздухот, туку ги загадува и почвата и водите. Бидејќи, се наоѓа веднаш до некогаш најплодното „Струшкио поле” каде се уште се одгледуваат насади од најразлични култури и непосредно до реката Црн Дрим, а не поседува никакви еколошки стандарди, можеме да замислиме колку штетно делува на растителниот и животинскиот свет.
Дополнително, како град на две води и планина која изобилува со вода за пиење, поради дотраеност на водоводната мрежа и бројните дефекти, се почесто се случува воопшто да немаме вода, а кога имаме истата е бактериолошки неисправна – дури ни за техничка употреба. Па така во фаза ја има, ја нема, граѓаните се приморани да купуваат флаширана вода за пиење.
Затоа, пак, канализацијата, освен во стариот амортизиран систем, ја има насекаде. Веќе не се добројуваат излевањата и поплавите по подрумите и сутерите од семејните куќи и згради.
Само се наметнува прашањето дали има надеж за подобра иднина. Општина Струга може да биде пристојно место за живеење, но само под услов она што ќе се вети да се реализира. И да не се ветува сѐ и сешто, затоа што на крајот од мандатот нема да се реализира ништо. Со поддршка од граѓаните, ВМРО -ДПМНЕ може да ја врати Струга на вистинскиот пат, бидејќи во нашите редови имаме професионалци, кои знаат што им е потребно на стружани и кои, над сѐ, искрено ја сакаат Струга, подвлекува Деребан.