Портпаролката на Владата оцени дека ВЛЕН ја пропуштила можноста да покаже дека се разликува од ДУИ и дека наместо да се дистанцира од етничката реторика, избрала да постапува на спротивен начин.
Во гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24, претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, истакна дека и по завршувањето на изборната кампања заложбата за „Една Брвеница за сите“ останува водечки принцип, нагласувајќи дека со конкретни проекти и владина поддршка ќе продолжи реализацијата на зафати за развој на општина Брвеница.
„Водевме исклучително позитивна кампања, обединувачка, излеговме со програма тоа е принципот под којшто работиме и тоа е принципот по којшто ја бараме довербата. ‘Една Брвеница за сите’ – за нас ќе остане повеќе од слоган, е концепт нешто на коешто и како Влада ќе продолжиме да работиме, да ја поддржуваме општината со проекти“, посочи Митева.
Таа оцени дека ВЛЕН ја пропуштила можноста да покаже дека се разликува од ДУИ и дека наместо да се дистанцира од етничката реторика, избрала да постапува на спротивен начин. Таа посочи дека исходот од изборите нема да влијае врз функционирањето на владината коалиција, која останува заснована на заедничка владина програма.
„Не водевме ние калкулантска политика. ВЛЕН излезе со сопствен кандидат уште во првиот круг. Ако прашањето е дали некако тоа се рефлектира по однос на коалицијата во рамки на Владата, можам да ви кажам не, затоа што и оваа Коалиција е владина коалиција базирана на владина програма и институциите треба да продолжат да ја спроведуваат, а тоа што ВЛЕН имаа можност да покажат дека се поразлични од ДУИ, да излезат од таа етничка реторика и навистина да покажат едно друго светло, ја пропуштија шансата и одлучија да постапуваат на спротивен начин“, рече Митева.
Таа ја поздрави волјата на граѓаните, но додаде дека биле забележани полни авиони со луѓе на кои им се заблагодарувале за доаѓањето.
„Не можеме да се бориме против демографијата, така што остануваме посветени и сигурна сум во она што го говоревме а тоа е дека со нашиот кандидат, со Стојанчо Радичевски ќе имаше навистина развој на општина Брвеница“, додаде таа.
