Пред да прогласувате историски победи, почекајте ги стручните ставови на Венециската комисија, му порача ЗНАМ на коалицискиот партнер во Владата, ВЛЕН.
Движењето ЗНАМ соопшти дека смета дека е несоодветно создавањето политичка еуфорија и прогласувањето историски победи од страна на претставниците на ВЛЕН во момент кога Владата, всушност, ја усвои информацијата за потребата од прибавување стручно мислење од Венециската комисија за прашањето на употребата на албанскиот јазик во правосудството.
„Усвојувањето на информација за потребата од стручно мислење не значи дека е донесена конечна одлука, ниту дека е направена каква било промена во законската рамка и начинот на функционирање на правосудниот систем. Напротив, побараното мислење од Венециската комисија треба да даде стручна и правна основа за понатамошно постапување, со почитување на Уставот, законите, правната сигурност и европските стандарди“, соопшти ЗНАМ.
Прашањата поврзани со употребата на јазиците, особено во правосудството, се премногу сериозни за да бидат предмет на дневнополитички маркетинг, пред да бидат разгледани сите правни аспекти и да бидат добиени релевантните стручни мислења, се додава во соопштението.
„Затоа, наместо предвремено прогласување победи и создавање очекувања кај граѓаните, потребни се одговорност, институционален пристап и почитување на правните процедури. За ЗНАМ владеењето на правото, уставноста и еднаквоста пред законите не се предмет на политички пазарења, туку темелни принципи врз кои мора да функционира државата“, порача ЗНАМ.
