Вонредните локални избори во Брвеница, според политикологот и воено-безбедносен аналитичар Милан Стефановски, за ДУИ претставуваа натпревар за политичко преживување, додека покажаа дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ е во полна политичка кондиција. Тој оцени дека ВЛЕН немала никаква тежина во овој политички натпревар.
„Вонредните локални избори во Брвеница дефинираа неколку политички процеси. Прво, се потврдуваат анкетите дека ВМРО ДПМНЕ е во полна политичка кондиција бидејќи од нивниот кампус не се слеваат гласови, туку напротив во споредба со последните парламентарните избори бројките во Брвеница имаат дури и благ пораст, а СДСМ како главен политички противник практично не беше воопшто компетитивен во оваа политичка ранг листа во Брвеница“, изјави Стефановски.
Тој појаснува дека изборите за ДУИ беа клучен натпревар за политичко преживување во контекст на нивната идна позиција на моќ во однос на ВЛЕН, но истовремено и во поглед на мобилизацијата на нивното партиско членство.
„ВЛЕН како политичка партија немаше никаква тежина во овој политички натпревар. Во суштина ДУИ играше на етнички концепт, а не на прогресивен и развоен концепт и тоа во таа средина помина со некои 200 гласа разлика. Овие избори покажаа дека ако немате политичка моќ, како во случајов со ВЛЕН, тогаш треба да опстои довербата во политиката која ја спроведувате со својот политички коалициски партнер на централно ниво. Ако според изјавите на ВЛЕН дека гласовите не се во посед на никоја политичка партија, тогаш истите признаваат дека нивното политичко тежиште не постои бидејќи гласачите го одбрале нивниот политички опонент, во случајов ДУИ“, вели Стефановски.
Стефановски посочува дека во математичка смисла овие избори за ВМРО-ДПМНЕ не значат ништо суштинско. Според неговите согледувања, гласањето во Брвеница покажало дека политичката инертност на ВЛЕН и стравот од етнички губиток на гласови на сметка на граѓанскиот развој на општината укажува дека ВЛЕН можеби и не е доминантна политичка сила кај Албанците.
„Инаку кој политички интерес би имал ВЛЕН ако ДУИ победи во Брвеница, напротив, ВЛЕН има само мала етничка придобивка кај гласачкото тело во смисла дека ете они се чувар на албанскиот глас и оти е подобро да се има било каков Албанец за градоначалник наместо Македонец, а се во коалиција со најголемата македонска партија на централно ниво. ВЛЕН е губитник по многу основи. Тоа е политичката иронија на ВЛЕН. Ја изгуби довербата, а довербата е клучна за идни коалициски математики“, вели Стефановски.
Аналитичарот напоменува дека не гледа како финансискиот случај поврзан со Алта Банка во Србија би претставувал катализатор за некаква политичка криза во земјата.
„Искрено, јас не гледам политичка криза тука во Македонија и не гледам како овој правен субјект кој влегол во Македонија почитувајќи ги прописите на НБРМ би бил катализатор за идна криза освен ако се докаже некаков криминал, корупција или било какви релевантни докази кои алудираат на незаконски постапки. Тогаш секако дека овој случај би предизвикал интерес во јавноста и во институциите чија надлежност е борба против корупцијата и криминалот“, вели Стефановски.
Тој потенцира дека доколку некој сепак постапил незаконски во целиот случај, тогаш треба да сноси институционална одговорност без оглед на неговата функција.
„Но, доколку некој се огрешил незаконски се разбира дека треба да одговара пред правниот и судски поредок без разлика колку високо е позициониран во политичкиот ешалон. Секоја криминална афера колку и да е релевантна или нерелевантна системот и институциите не треба да кризираат туку ефикасно да се справат“, изјави Стефановски.
Во врска со ризиците од евентуални предвремени парламентарни избори за владејачката коалиција поради внатрешни несогласувања, тој подвлекува дека не постои идеална коалициска соработка.
„Секако дека имало и ќе има меѓусебни несогласувања без разлика на кое ниво тие се случуваат се додека се опстои дека програмата на Владата треба да има приоритет во било какви партиски и политички калкулации. Ако се наруши тој принцип и се наруши принципот на доверба, тогаш изборите се логичен сплет на преструктуирање на политичката моќ како демократски израз на волјата на граѓаните“, вели Стефановски.
