Спорот со Бугарија е резултат на кусогледоста и аматеризмот на заевизмот и сега тоа е главна пречка на патот на Македонија кон Европската Унија. За жал политиката на заевизмот продолжува и во однесувањето на Димитар Ковачевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека Ковачевски ја одбива подадената рака на опозицијата да се изгради национално единство.

-Ова покажува дека власта подготвува многу пошироко и поопасно дејствие, отколку внесување на бугарското малцинство во уставот. Постои основан страв дека тоа може да задира во македонската историја, јазик и идентитет и тоа да доведе до идентитетско обезличување. Доколку владата на Ковачевски прифати Декларацијата на бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка тогаш не чека или однародување или бесконечни преговори. Ова мора да се спречи. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните, интелектуални и општествени групи да се обединат и да го спречат ова решение кое е на директна штета на Македонија и македонскиот идентитет. ВМРО-ДПМНЕ се залага за достоинствено решение кое ќе ги гарантира македонските национални интереси, се наведува во соопштението.

Ако бугарскиот премиер бара гаранции од Ковачевски, тогаш и ВМРО-ДПМНЕ, како и народот, бара гаранции од Ковачевски кои ќе се однесуваат на многу вековната историја на македонскиот народ, неговата традиција, гаранции за македонскиот јазик, култура, но пред се дека нема да има апсурдни пречки на европскиот пат на Македонија кои немаат врска со европските вредности и критериуми.

Ако веќе Ковачевски дава гаранции на официјална Софија, тогаш редно е прво пред македонската јавност да даде гаранции и истите да ги застапува пред Брисел.