Кога фактите и документите за Алта банка излегоа на површина Филипче и СДС се кријат и бегаат од одговорност. Откако со месеци ја користеа Алта банка за ширење политичка паника, Филипче и СДС денес немаат одговори, туку молк и бегање од соочување со фактите, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека СДСМ првично ја претставувала Алта банка и Давор Мацура како спорни, но дека, според нив, токму во времето на претходната власт биле направени чекори поврзани со можноста за купување акции од Македонија.

Во реакцијата се осврнуваат и на тврдењата за наводна забрана на Алта банка за работа во Европската Унија, односно во Австрија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не станувало збор за забрана за работа, туку за прекршочна казна изречена од австрискиот регулатор.

Од партијата тврдат и дека СДСМ ја плашела јавноста со сценарија за пропаѓање на банката и губење на штедните влогови, а потоа ги насочила нападите кон премиерот Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека СДСМ побарала надзорна расправа во Собранието, која, како што наведуваат, била веднаш прифатена, но потоа била одложена за една недела. Од партијата додаваат дека сè уште не е закажан продолжетокот на расправата.

„Филипче, доста со политички претстави. Кој одлучувал? Кој молчел додека се отворала темата за влез на Алта банка? Кој шири паника? И зошто СДС денес нема храброст сите прашања да се отворат пред јавноста?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата порачуваат дека одговорноста не може да се избегне со прес-конференции и напади врз политичките противници, додавајќи дека граѓаните треба да бидат спокојни во однос на стабилноста на банкарскиот систем.