Партијата тврди дека Македонија добива признанија од ЕУ, додека СДС води спротивна политика

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека од европски претставници и институции пристигнуваат позитивни оценки за реформите и напредокот на државата, обвинувајќи го претседателот на СДС, Венко Филипче, дека зазема ставови спротивни на државните интереси.

Од партијата велат дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и претставници на Европската комисија, ги препознаваат реформските процеси што се спроведуваат во земјава.

„Европски претставници како што е Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет и институции како Европската Комисија кои потврдуваат дека Македонија се развива и напредува во Реформската агенда, за што доби и најмногу финансиски средства од Планот за раст од земјите во регионот“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, европските институции внимателно ги следат реформите на Владата и ги оценуваат позитивно.

„Унијата со внимание ги следи реформите на македонската влада и истите ги поздравува, велејќи дека сме лидери во регионот, а само Венко Филипче е на иста линија со Румен Радев и велат единствена реформа за Македонија се уставните измени“, стои во соопштението.

Обвинувања кон СДС и Филипче

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека актуелното раководство на СДС продолжува со политиките кои претходно ги водел Зоран Заев.

„Со тоа Филипче ја продолжува веќе видената пракса на Зоран Заев, кој за власт се согласи на разни идентитетски отстапки и национални предавства, како што е промена на името, само за да дојде и подолго да остане на власт“, наведуваат од партијата.

Во соопштението се посочува дека европските претставници денес во Владата гледаат „државнички пристап и сигурен партнер за соработка“.

„Голем дел европски претставници и на земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија бележи видливи резултати и дека, после долги години чекање, заслужуваме гаранции и предвидливост на европскиот пат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата упатува и серија критики кон лидерот на СДС.

„Но, Филипче како пиун на Радев и специјален пратеник на Бугарија не смета така. Оваа генерација на СДС предводена од Венко Филипче, покажува дека е нај мекото ткиво на Македонија, надминувајќи го и тоа на Зоран Заев“, се наведува во реакцијата.

Наместо поддршка за државните позиции, СДС е на страната на Бугарија

Од владејачката партија тврдат дека СДС не ги поддржува националните позиции на државата во однос на евроинтегративниот процес.

„Наместо да застанат заедно со Владата зад македонските национални и идентитетски интереси, тие се на иста линија до Радев во служба на Бугарија и спремаат уште едно поголемо предавство“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава дека, според нив, Бугарија има единствен став кон Македонија, а Филипче ја следи таа политика.

„Додека Бугарија се обединува во цврст став по однос на Македонија, Румен Радев во државава си најде пиун по негова мера, Венко Филипче кој е подготвен да исполни се што ќе му побара без никаков приговор“, стои во партиската реакција.

На крајот, од ВМРО-ДПМНЕ поставуваат прашање до раководството на СДС.

„Затоа, го прашуваме Филипче и ова раководство на СДС, што уште сакаат да направат за да и наштетат на државата и да бидат запаметени како најголемите предавници во најновата историја на Македонија, веднаш после Заев и компанија“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.