ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДС оставила долгови и неисплатени обврски кон земјоделците
ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение упати остри критики до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека ги доведува во заблуда граѓаните и шири паника меѓу земјоделците. Од партијата порачаа дека земјоделците заслужуваат одговори за неисплатените субвенции од претходните години.
„Филипче без тронка срам одиш и ги лажеш граѓаните, но има еден голем проблем, никој не ти верува“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потсетуваат дека, како што велат, при заминувањето од власт биле оставени долгови и неисплатени субвенции за периодот од 2020 до 2023 година.
„Филипче да те потсетиме дека кога заминавте од власт, оставивте долгови, неисплатени субвенции за 2020, 2021, 2022 и 2023 година. Можеби дојде време да одговорите на земјоделците каде тие пари завршија“, стои во реакцијата.
Партијата упати и дополнителни прашања до лидерот на СДСМ.
„Дали токму со парите на земјоделците си купивте визи во Дубаи, станови по скапи комплекси низ Скопје?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тврдат дека се исплатени близу 14 милијарди денари
Од владејачката партија наведуваат дека по преземањето на власта биле исплатени заостанати обврски кон повеќе институции и корисници.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од самото доаѓање на власт исплати 350 милиони денари за неисплатени плати на вработените во ЈП Национални шуми и АД Водостопанство. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 27.07.2024 до 31.12.2024 исплати близу 4 милијарди денари“, наведуваат од партијата.
Според нив, од јули 2024 година досега биле сервисирани значителен број обврски.
„Вкупно од 27.07.2024 година до денес исплатени се близу 14 милијарди денари за заостанати и тековни обврски“, се додава во соопштението.
Бараат одговори и за лозарите
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ се осврнува и на состојбите во лозарството, обвинувајќи ја претходната власт за пропусти.
„Филипче наместо да дигаш паника меѓу земјоделците, одговори им зошто во ваше време се вметна во законот за вино дополнителни 8%, кои винариите им ги кратат на лозарите“, наведуваат од партијата.
Тие додаваат дека методологијата за пресметка на трошоците за производство на винско грозје не била донесена навреме.
„Филипче одговори на лозарите зошто не ја изготвивте методологијата за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје, туку Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја донесе за 18 дена“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека земјоделците имаат партнер во актуелната Влада и дека, како што велат, „никогаш нема да бидат оставени сами како со СДС“.
