„Ковачевски е толку нервозен што е во состојба сам со себе да се искара и да се демантира и тоа не во интервју во дневник, туку и во рубриката временска прогноза да го пуштат“. Вака реагираат од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение до медиумите во врска со интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски во вечерашниот Дневник на Сител ТВ.

„Впрочем што да очекуваме од човек кој се претставува како премиер на Влада, а на прашањето дали го поддржува Законот за амнестија кој неговата влада го пратила, вели амандмански би интервенирал па би го поддржал. Тоа може да значат две работи, или Ковачевски спие на седници на влада па после не знае какви законски текстови предлага или никој не го есапи во владата.

Затоа е толку жолчен и конфузен Ковачевски и се обидува да навредува и така да се прави интересен во јавноста. Ние нема да правиме споредби меѓу него и неговиот претходник Заев и нема да споредуваме на која страна ја чешлаат косата, туку само ќе им порачаме дека така собрани на купче сите криминогени елементи ќе бидат поразени од страна на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори“.