Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта со воведувањето зелени такси, давачки и даноци ќе го осиромашува народот, а најавениот нов „зелен данок“ ќе удри по стандардот на граѓаните и по стопанството.

-Дека абер немаат од рационално трошење на народните пари говори фактот дека со ребалансот предвидуваат дури 124 милиони евра за договорни услуги, кои секогаш најнетранспарентно се трошат. Два ипол пати повеќе пари се предвидуваат за набавка на мебел, 20% повеќе пари за набавка на службени возила, 4,4 милиони евра за привремени вработувања, 13 милиони евра за дневници и патувања и други милиони други случаи на луксуз, поткуп и недомаќинско трошење. Со други зборови граѓаните ќе плаќаат поскапо гориво, стопанството ќе плаќа нов данок, а власта на Заев ќе ги троши парите за мебел, службени возила, договорни услуги, поткуп на гласачи пред избори и слично, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму обвинуваат дека власта е способна само за криминал и дека го покачила долгот на државата за нови 2,4 милијарди евра, за една година се затвориле 6.200 компании, има 60 илјади нови невработени, а бројот на лица кои живеат во сиромаштија стигнал до 600.000.