ВМРО-ДПМНЕ: Новиот долг од 900 милиони евра ќе биде за буџетска ликвидност, а не за економски развој
Власта на СДСМ и ДУИ безмилосно ги трошат народните пари. Кога не им се доволни парите кои ги собираат како даноци, воопшто не се воздржуваат и да се задолжат за после тие долгови да ги плаѓаат идните генерации. Долгот во време на оваа власт достигна 60% од БДП или над 7 милијарди евра, реагираат од опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ.
Според најавите, како што истакнуваат од оваа партија, следи ново задолжување од 900 милиони евра со долгот кој веројано ќе надмине 8 милијарди евра или ќе биде околу 65% од БДП. И да е пострашно овие речиси милијарда евра се земаат за одржување на ликвидност на буџет, а не за економски развој.
„Економијата која СДСМ и ДУИ ја преставуваа како блескава, како најдобра и што ли уште не, сега за неколку месеци се бори за буџетска ликвидност. Тоа само покажува дека власта лажела и правела потемкини села, а вистината е дека сме доведени до гола егзистенција. Ако се има предвид дека СДСМ и ДУИ стапија на власт кога долгот изнесуваше 4,7 милијарди евра, тогаш тоа значи дека тие во овие 5 години власт се задолжиле безмалку колку сите влади заедно од независноста“ е наведено во нивната реакција.
„Секој ден читаме за милионски издатоци за позлатени прибори, фстаци, службени возила, перење на службени возила, режано цвеќе, жардињери, мебел, кафиња, ручеци, хотелски услуги и други непродуктивни трошоци. Додека државата се задолжува фрчат огласи, матни тендери, зделки во 4 очи, договори во хотели и што ли уште не. И на толкави задолжувања освен што нема никакви инфраструктурни проекти, економијата доживува целосен колапс. Нема аспект во кој не сме последни или на дното во регионот, а не пак во Европа“ се нагласува во нивното соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека задолжувањето на државата расте, а стандардот на граѓаните вртоглаво паѓа.
„Инфлацијата ги изеде платите кои и онака се најниски во регионот. Економскиот колапс кој што и се случува на Македонија мора да престане. Тоа е можно само ако оваа неспособна криминогена и неодговорна гарнитура на СДСМ и ДУИ заминат од власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.