Наспроти обвинувањата на опозицијата, од ЕСМ велат дека нема никаков дефект на првиот блок на РЕК „Битола“, ниту какви било други сериозни проблеми на некоја од постројките, но додаваат дека Блокот 1 деновиве е плански исклучен од мрежа
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение испратено до медиумите обвини дека од вчера (23 јануари), првиот блок во РЕК „Битола“ е повторно исклучен од мрежа и дека, наводно, цевките од котелот во блокот се скинати.
„Само за да може да се прави пи-ар со лаги и фалби, Блокот 1 подолго време се експлоатирал и со дефект во кондезаторскиот дел, за да може владините претставници да се сликаат една недела. Колкави штети се направени со ваквото недозволено работење на турбината и на котелот ќе гледаме во следнот период. Исто така, предупредуваме дека подолго време и Блок 2 се експлоатира со недозволени параметри и без посериозни ремонти. Зошто ова се прави и кои ќе бидат последиците ќе покаже времето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.
Обвинувањето од опозицијата следува по неколкудневните изјави на премиерот Димитар Ковачевски и други владини претставници оти во земјава работат сите енергетски капацитети.
Повикувајќи се на свои извори во ТЕЦ „Осломеј“, дополнително од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека во оваа термоелектрична централа синоќа избувнал пожар, кој, како што велат, вешто се премолчува од страна на власта.
„Ова што го објавуваме е само дел од катастрофата која ја предизвика владата на СДС и ДУИ во енергетскиот сектор. Неремонтирани постројки, криминални тендери во четири очи, испумпани милиони евра и понижени работници. За вакво неодговорно управување на енергетиката во Македонија, СДС и ДУИ ќе мора да си понесат одговорност“, додаваат од опозициската партија.
Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, делумно ги демантираа од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ)
Оттаму велат дека нема никаков дефект на првиот блок на РЕК „Битола“, ниту какви било други сериозни проблеми на некоја од постројките, но додаваат дека Блокот 1 деновиве е плански исклучен од мрежа.
„Блок 1 на РЕК ‘Битола’ е плански исклучен од мрежа заради повеќе интервенции на различни позиции во постројката. Предвидено е активностите да завршат до сабота и викендов Блок 1 повторно да биде ставен во функција. “, се наведува со соопштението од АД ЕСМ.
Ваквата интервенција е преземена токму овие денови, оти, како што велат од ЕСМ, сите останати капацитети се во погон и произведуваат електрична енергија со која во целост се задоволуваат потребите на домаќинствата, на малите потрошувачи и на останатите капацитети.