Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денес во Собранието на Република Македонија поднесе 2 100 амандмани со цел стопирање на 4-те закони со кои се предвидува зголемување на платите на судиите, на јавните обвинители, на членовите на Судскиот совет и членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, изјави ДЕНЕСКА пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Дајанчо Ефтимов.

-Имено, во услови кога инфлацијата во државата е на алармантно ниво, кога стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, новата Влада со очигледно стари навики, не отстапува од намерата да ги зголеми платите на судиите и обвинителите.

Она што претходниот министер за правда Тупанчевски го започна, сега новиот министер за правда во Владата го продолжува.

Очигледно, ова е награда од Владата за мизерните 3% доверба на граѓаните во судството.

Ја прашуваме Владата, дали ова зголемување на платите на судиите и јавните обвинители ќе значи подобро судство, подобро обвинителство, намалување на бирократските процедури и побрзо решавање на судските спорови на илјадници граѓани?

Одговорот на овие прашања е јасен и за нас и за целата македонска јавност.

Наместо власта да ги засука ракавите и конечно да почне со реални и конкретни реформи во судството, власта решава и мисли дека со вакви ад хок решенија ќе ги поправат своите недостатоци и неработа.

За да биде појасно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е против покачувањето на платите на судиите и јавните обвинители, но како одговорни пратеници реагираме од принципиелни причини бидејќи токму покачувањето на платите во судството треба да биде последната, а не првата мерка која што оваа Влада треба да ја направи.

На крајот, уште еднаш ги повикуваме пратениците од власта да отстапат од оваа намера и конечно да почнат да ги решаваат проблемите на граѓаните врз база на приоритет и видливи резултати во правосудството, а не на база на партиско-коалициски договори, истакна пратеникот Ефтимов.