ВМРО-ДПМНЕ реагира на критиките на СДСМ за состојбите во енергетскиот сектор, истакнувајќи дека опозициската партија го оставила АД ЕСМ и РЕК Битола во катастрофална состојба.
„СДС манифестира еклатантно лицемерие и бесрамност кога си зема за право да ги коментира состојбите во енергетиката, особено кога се дрзнува да зборува за РЕК Битола и намаленото домашно производство“, се наведува во соопштението.
Од партијата додаваат дека „токму криминогеноста и незаситната алчност на нивните кадри, ги оставија АД ЕСМ и РЕК Битола во катастрофална состојба. Со нивните криминални тендери во РЕК Битола си ги наполнија џебовите и станаа светски бизнисмени на релација Нов Зеланд–Дубаи, а домашните производствени капацитети ги оставија во пустош“.
Партијата поставува прашања до СДСМ:
„Има ли некој свесен во СДС да признае дека нивната деструктивна политика го доведе целиот енергетски систем до колапс? Чувствува ли некој таму трошка вина за криминалните шеми, чија единствена цел беше лично богатење на ‘фамилијата’?“
Во соопштението се истакнува дека „кога СДС денес глуми загриженост за сметките за струја, кои и покрај нивниот пустош останаа стабилни, должни се да одговорат зошто го оставија ЕСМ со загуби од 140 милиони евра и долгови кон добавувачи од 80 милиони евра“.
ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека „надлежните институции ќе ги изведат пред лицето на правдата сите виновници кои го загрозија енергетскиот систем, вклучувајќи ги и нивните ‘големи директори’ Васко Ковачевски – Колбасо и Пеце Матевски – Хармоникашо, кои се директно одговорни за урнисувањето на комбинатот“.
„Тоа што СДС го уништи во периодот 2017–2024 година е невозможно да се санира за кратко време. Но, и покрај тоа што изминативе година и половина интензивно се работи на обнова и враќање на производните капацитети во нормална состојба и на целосна консолидација на ЕСМ, по што цената на електричната енергија за граѓаните остана стабилна“, заклучуваат од партијата.
