Скандалозно е носењето мерки дури после цел месец рестрикции, откако беше воведен полицискиот час, со кој се ограничи движењето на населението во вечерните часови, токму во времето кога погодените економски сектори го остваруваат приходот. Неспособноста на оваа власт се манифестира во следното: наместо обесштетување на економските сектори, пакетот мерки е скроен за санација на штети кои ги предизвика најнеодговорниот министер за здравство кој Република Македонија го имала во својата историја досега, посочуваат од партијата.

Оттаму сметаат дека наместо поддршка, мерките ќе ги претворат најкритичните економски сектори во најкритични социјални сектори, а последицата ќе биде КОВИД-19 технолошки вишок на вработени или КОВИД-19 стечајци.

Себично и селективно е однесувањето на економските советници на власта, затоа што мерките не предвидуваат санација на економските штети, а уште помалку не поддршка на трудово – интензивната индустрија, како што се текстилната и кожарската индустрија. Изоставени се градежната индустрија, естрадните уметници, драмската дејност, рударството. Оставени сами на себе се инвеститорите во зоните и прехранбената индустрија. Доказ за тоа е порастот на цените на прехранбените продукти, кои зголемените производни трошоци, поради рестрикциите на оваа влада, ги пренесуваат на цената на чинење на готовите производи, се додава во партиската реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека народот треба да се подготви за најлошите економски сценарија бидејќи, како што велат, на оваа влада состојбата и’ е излезена од контрола.