На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обратија градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски и градоначалникот на општина Македонски Брод, Жарко Ристески.
Градоначалникот Кочовски истакна дека се реконструирани голем број на локални улици, и целосна реконструкција на кујната во градинката како и партерно уредување а се цели и кон зголемување на капацитетот со изградба на уште едно додатно крило.
„Со овие голем број на реконструирани улици со самото доаѓање пред 4 години проценка беше дека најпотребно на Вевчани е реконструкција на улици, над 10 улици ре реконструирани, претежно главни улици, одиме со целосна реконструкција на канализација и водовод, тоа се сега модерни улици, во тек се уште неколку проекти. Реконструирана е целосно кујната во градинката начинот на затоплување, поставивме топлотни пумпи, поставивме фотоволтаици, партерно е уредена градинката, во наредниот мандат се надевам дека ќе направивме уште едно додатно крило да го прошириме капацитетот. Во Вевчани нема незгрижено дете, сите деца се згрижени, водиме сметка и во таа насока“, вели Кочовски.
Градоначалникот на општина Македонски Брод, Жарко Ристески истакна дека во 2021 наследил општина која не е финансиски стабилна, затоа што наследи долг од околу 60 милиони денари, а вкупниот приход на самата општина по сите основи, беше 52 милиони денари, која во текот на 2022 година успеа фискално да ја стабилизира.
„Приходите ги зголемивме на 73 милиони денари, а веќе 2023 година на 88 милиони денари, а минатата 2024 година веќе вкупните приходи надминаа над 98 милиони денари. Како резултат на тоа, почнаа да се нижат и низа проекти, а едни од најзначајните беа инвестициите во урбаниот дел, односно изградбата на улици во самиот град“, рече Ристески.
Посочи дека изградени се неколку улици, за кои се вложени околу 54 милиони денари, а се вложуваше во градот и во изградба на градски паркинзи и тротоари, така што во урбаниот и руралниот дел на Македонски Брод се посвети сериозно внимание на безбедноста во сообраќајот.