Павлина Црвенковска, новата претседателка на Судскиот совет се најде во фокусот на јавноста откако оштетените штедачи од Еуростандард банка информираа дека фирмата „Екопласт рисајклинг“ во сопственост на нејзиниот сопруг, Зоран Црвенковски, повеќе од две години не враќала рати од кредит на фирмата во висина од 1,6 милиони евра, земен од оваа банка, пишува порталот еМагазин.

Штедачите соопштија и дека нејзината ќерка била во кредитниот одел на Еуростандард банка и обвинија дека сега Црвенковска од новата позиција ќе го штити сопругот во судските постапки.

Во нејзината реакција, Црвенковска пак соопшти дека фирмата на нејзиниот сопруг зела кредит во 2014 година, но поради криза, четири години подоцна, од истата биле отпуштени 50. вработени. Се барал стратешки партнер, но фирмата не успеала да го најде до затворањето на Еуростандард банка.

За ќерката, Црвенковска пак информираше дека работела во кредитниот оддел по забраната за давање на кредити, а во обвинувањата на штедачите виде обид за нејзина дискредитација од некои кругови.

Порталот еМагазин го разгледа нејзиниот анкетен лист кој го доставила до Антиикорупциска комисија, кога минатата година станала член на Судскиот совет. Во истиот спомнатиот кредит го нема.