Државниот пазарен инспекторат за првпат спроведе сеопфатен и неселективен инспекциски надзор кај сите 27 финансиски друштва кои поседуваат лиценца за работа од Министерството за финансии. При надзорот се утврдени сериозни прекршувања на правата на потрошувачите и донесени се решенија со кои овие друштва се обврзуваат да им вратат на граѓаните незаконски наплатени средства во вкупен износ од над 140 милиони денари, соопшти директорот на инспекторатот, Влатко Стојкоски.

Според наодите од спроведените контроли, кај 18 финансиски друштва е констатирано дека применувале нечесна трговска практика, односно дека во самите договори за потрошувачки кредити вградувале нечесни трговски одредби. Поради овие констатирани неправилности, на финансиските субјекти им се изречени соодветни законски мерки и издадени им се платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари.

Дополнително, кај 12 субјекти инспекторите утврдиле непочитување на законските одредби при плаќањата согласно Законот за заштита на потрошувачите. Имено, спротивно на член 36, став 1 од законот, на потрошувачите им биле наплаќани трошоци за доставени известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на доспеаните обврски по основ на кредити, по што Државниот пазарен инспекторат донел решенија со наредба за враќање на над 140 милиони денари на оштетените граѓани.